Коментар за тековните случувања

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Преглед на моменталните случувања:

-Последната недела од октомври исто така носи со себе понатамошен брз раст на бројот на новозразени со Ковид-19, буквално насекаде во Европа и САД. Бројките се рекордни и практично се вративме во пролетните карантински месеци, иако тоа изгледаше неверојатно пред еден месец. Она што е за очекување е нагло влошување на економиите во развиениот свет со проширувањето на ограничувањата, а ги гледаме и првите компании кои предупредуваат на многу тешка зима и пролет. Времетраењето на ограничувањата е сè уште непознато, но само еден квартал може да одземе повеќе од 5% од БДП на годишно ниво. Најтешко е погоден услужниот сектор каде што можеме да очекуваме многу слаби резултати и каде што повторно ќе биде потребно да се насочи државна помош. Очекувањата одат во насока на барем иста количина на стимул како и пролетта. Во САД на пат кон донесување е 2.500 милијарди долари помош, но веројатноста за договор во последната недела пред изборите е релативно мала. Индустријата во моментов е светло место за економиите, но сепак ќе биде тешко за самата индустрија да остане во живот со опаѓачкиот услужен сектор, бидејќи индустриите се економски силно испреплетени. Светлината на крајот од тунелот доаѓа од Кина и некои други азиски земји, кои со силна контрола и дисциплина се јасно подобри во контролирањето на текот на пандемијата. Кинеската економија продолжува да се опоравува и економските податоци се добри. Меѓутоа, ако Европа и САД успеат да го спречат бројот на инфекции со најновите мерки, закрепнувањето сепак може да биде побрзо од очекуваното. Исто така посилно зачекоривме во сезоната на деловни објави за третиот квартал, резултатите се охрабрувачки и претежно позитивно ги изненадуваат инвеститорите. Но, пазарот најмногу внимание посветува на изборите во САД. Анкетите во моментов ја предвидуваат победата на Бајден и оваа информација е вклучена во реакциите на пазарите. Но, во исто време, проценуваме дека во голем дел овие очекувања се веќе вградени во сегашните нивоа на цените на акциите, а некои акции би можеле да се најдат под притисок доколку победи Трамп. Како што знаеме, анкетите беа несигурни во последните неколку години, а изборниот систем на САД со својата непредвидливост, ја насочува борбата кон неколку клучни држави (Флорида, Ајова, Пенсилванија, Аризона итн.). Изборниот резултат е понепредвидлив отколку што покажуваат неодамнешните анкети. Пазарот на капитал се осигури минатиот месец дека секој резултат што брзо ќе доведе до јасен изборен резултат ќе биде добар. Проблем ќе се јави доколку разрешницата од изборите се пресели во судовите, што ќе доведе до уште поголема поларизација на американското општество, а истовремено веројатно дополнително ќе ги одложи преговорите за стимулативен економски пакет. Кој и да биде претседател ќе мора да дејствува многу брзо заради кризата предизвикана од Ковид-19, а стимулативниот пакет ќе треба да се координира и да се донесе преку Конгресот и Сенатот. ФЕД исто така ќе мора да пружи соодветна помош. Не треба да очекуваме значителни промени во надворешната политика особено во однос на Кина, но политичката реторика ќе се смири во случај на победа на Бајден, што значи помалку твитови и повеќе активности зад затворени врати. Очекувањата дека односите меѓу САД и партнерите или конкурентите ќе се вратат во периодот пред Трамп се според наше мислење илузија. Сепак, можеме да се надеваме на малку подобра комуникација помеѓу Европа и САД.

-Пазарите се повторно под притисок како и минатата недела поради ширењето на пандемијата и мерките за карантин. Причина за опстанок на позитивата се очекувањата за висок стимулативен пакет. Ова станува прилично опасна мешавина бидејќи со неизвесните избори, стимулот се доведува под знак прашалник. Пазарот е кревок и веројатноста за посилна корекција се зголемува, иако историјата нè учи дека крајот на годината обично носи позитивни трендови. Пазарот во моментов проценува дека Бајден има поголеми шанси да биде избран, па затоа ги награди со премии одредени сектори (зелена енергија, лична потрошувачка и нега, делумно индустрија, итн.) и други со намалување на проценките (особено енергијата). Деловните резултати во последната недела продолжуваат да бидат позитивни и подобри од очекувањата, најголемо разочарување е германскиот SAP, кој со слаба реторика и намалени очекувања во периодот околу 2023 година му зададе нов удар на германскиот технолошки сектор. Добрите резултати би било тешко да се концентрираат на одредена индустрија, но одговорот на инвеститорите на овие резултати е сè уште послаб отколку оној во минатото, што е уште еден показател дека пазарот на капитал сака пред сè стимул, нови свежо печатени пари. Акциите на компаниите од технолошкиот сектор како и оние во сегментот на купување преку интернет, работа од дома, продолжуваат да бидат попривлечни за инвеститорите. Минатата недела, кинеските компании од гореспоменатите сегменти на пазарот исто така се претставија добро.

 Совети за инвеститорите:

Старите препораки остануваат релевантни. Особено, технолошката индустрија и акциите на интернет продавниците и оние со работа од дома се сегменти кои остануваат преценети, но со скапи обврзници и негативни приноси од банкарски производи, инвеститорите не гледаат алтернатива. Сепак, не е време за крајности во портфолиото, бидејќи можеме да очекуваме подобри можности за купување во наредните недели, особено со текот на информациите за изборите во САД и стимулативниот пакет. Препорачуваме диверзифицирана распределба на средствата во портфолиото. Препорачливо е да се подели портфолиото во различни класи, помеѓу акции, обврзници или пари. Продолжува ликвидносната поддршка како за акциите така и за обврзниците, а интересот на инвеститорите за акциите од технолошкиот сектор е е сè уште најсилен . Исто така, се исплати да се погледне надвор од технолошкиот сектор, бидејќи можностите и пред сè, значително пониските проценки се прикажани на друго место, а најновите деловни резултати се поохрабрувачки. Историјата нè учи дека индустриите со многу високи проценки имаат тенденција да даваат подпросечни приноси во следната деценија. Ситуацијата на светските економии е многу поинаква и неизвесната претстојна зима ветува зголемена нестабилност, но трендот на раст на пазарот главно како резултат на стимулот, може да продолжи. Политичката несигурност пред изборите во САД е на својот врв, но самите избори не мора да значи дека ќе донесат спас. Потребен е избалансиран пристап кон инвестициите со давање на поголемо учество на индустрии кои подобро би ја преживеале оваа криза и каде проценките не се претерани. Ова главно вклучува здравствена заштита, потрошувачка, како и технологија. Инвеститорите со долгорочни цели на заштеда треба да истрајат и да продолжат да вршат периодични плаќања, а оние што би инвестирале поголема сума треба да ја распределат во подолг временски период. За трпеливиот инвеститор, ова е веројатно време да се зголеми изложеноста на сегменти на пазарот каде што валуациите не се превисоки.